
Пред да ви ги откриеме 4 совети што ѝ се потребни на секоја кожа, треба да ја расчистите дилемата во кој тип кожа спаѓа вашата. Мрсна, комбинирана, нормална, сува, проблематична.
Чекор бр. 1: ЧИСТЕЊЕ. Многу е важно да најдете тоник за чистење на кој кожата добро ќе реагира. Избегнувајте да користите сапуни, тие имаат сода што ќе го направат вашето лице суво и без сјај. Сапунот, исклучиво користете го од вратот надолу. Можеби ќе ви звучи чудно, но лицето не треба да го чистите многупати, доволно е само навечер. Некои козметичари сметаат дека лицето не треба воопшто да се мие, бидејќи водата е премногу тврда за нежната кожа на самото лице. Но, сметаме дека наутро не би било лошо да го исплакнете лицето со вода за да ги отстраните мрснотиите што излегле во текот на ноќта. Внимавајте водата да има средна температура, ни жешка ни ладна, за да не предизвикате пукање на капиларите.
Значи, навечер пред спиење, исплакнете го лицето со топла вода за да паднат сите нечистотии и да се отворат порите. Поминете го со малку тоник. На крај исплакнете го со вода (средна температура). Доколку претходно сте имале шминка извадете ја со соодветно средство.
Чекор бр. 2: ЕКСФОЛИЈАЦИЈА. Многу жени не го практикуваат овој чекор во неделната нега на лицето. Но, ако почнете редовно да го применувате веднаш ќе забележите разлика. Затоа мажите имаат помазно и нежно лице, при бричењето тие всушност прават и пилинг. При триењето, зрнцата од пилингот го отстрануваат мртвиот слој од клетки. Добивате навистина помлад изглед, бидејќи влијае на регенерирање на колагенот на лицето. Одбегнувајте да купувате пилинг со големи зрнца, тие може да предизвикаат спротивен ефект и да ја изгребат кожата.
Еднаш во неделата практикувајте да направите пилинг. Само нежно тријте го лицето со прстите ,како да ставете крем, зрнцата ќе си ја завршат работата. Потоа исплакнете со вода.
Чекор бр. 3: КРЕМ ЗА ХИДРАТАЦИЈА. Основно правило за убава кожа е да ставате хидратантен крем на лицето, без оглед на тоа каков е вашиот тип на кожа. Дури и оние со мрсна кожа ќе имаат корист, најмалку се препорачува на кожа со акни. Самата кожа ќе ви каже колку ѝ е потребен крем. Ако е затегната, пред испукување, задолжително ѝ треба крем.
Употребувајте хидратантен крем наутро, навечер, пред шминкање, во зависност колку ви е потребен. Ќе имате мека и убава кожа за кратко време. Доколку можете да си дозволите, купете си и крем за околу очи. Кожата тука е многу тенка и брчките лесно се познаваат.
Чекор бр. 4: ЛОСИОН ЗА СОНЧАЊЕ. Овој е понов чекор, за кој можеби и немате слушнато. Но, поради сé поголемата штетност на сонцето, сите козметичари препорачуваат да се употребуваат кремови, најчесто дневен и вечерен, за УВ-заштита. Ваквите кремови најмногу штитат од предвременото појавување брчки. Се користат и во ладните и облачни денови.
Особено во летниот период, кога излегувате надвор, ставете си малку крем за УВ-заштита. При изборот кој да го купите, прочитајте го упатството, треба да содржи бар една од овие состојки: титаниум диоксид, цинк оксид или парсол 1789.
















































